Во Оровник започна реконструкцијата на главната улица, со ново осветлување и тротоари, во вредност од 11,5 милиони денари. Во Мешеишта се реализирани повеќе улици, се уредува сретселото и започна реконструкцијата на патот до Волино, вредна 15,5 милиони денари. Во Волино е завршена реконструкцијата на Домот на културата, инвестиција од 6,5 милиони денари, а асфалтиран е и патот до црквата „Св. Петка“, со ново осветлување и пешачка инфраструктура.
Според партискиот преглед, инвестиции во патишта има и во Злести, Ботун, Лешани, Издеглавје, Долно Средорече, Годивје и Лактиње. Наведени се и средства за патни правци до манастири и цркви, како и санација на пристапни патишта до споменици од историско значење. Во Мешеишта е во изградба фабрика за еластични огради, за која ВМРО-ДПМНЕ наведува инвестиција од 6 милиони евра и очекувани нови работни места.
Новата каптажа во месноста Опчели – Караорман треба да обезбеди дополнителни количества квалитетна вода за шест населени места. Во Лешани се подготвуваат решенија за нова пумпна станица, а во повеќе населени места се градат бетонски канали за наводнување. Во Белчишта се гради гаража и противпожарна станица за доброволното противпожарно друштво „Ентузијаст“, вредна 2,4 милиони денари.
ЈКП „Дебрца“ е опремено со нова механизација и возила, меѓу кои камион за смет дониран од град Виена, ново комунално возило, „Volkswagen Transporter“ и машина за чистење канализации. Обезбедени се и 480 канти за отпад и униформи за вработените.
Меѓу социјалните мерки е воведена субвенција од 20.000 денари за полагање возачки испит за жители до 21 година. Прегледот наведува и поддршка за локалните продавници, наталитетот и младите брачни парови, како и финансиска помош за семејства погодени од елементарни непогоди и за лекување.
Во образованието, за првпат се обезбедени бесплатни училишни униформи за сите ученици. За првачињата се обезбедени по 10.000 денари и целосно опремени ранци, а воведени се и стипендии, награди, бесплатни екскурзии и поддршка за учество на натпревари.
Во Требеништа е започната реализацијата на проектот „Златна маска“, а уредени се споменици од НОБ и пристапни патишта до повеќе значајни локалитети. Како цел на наведените проекти и мерки, ВМРО-ДПМНЕ го посочува подобрувањето на условите за живот во сите населени места во Дебрца.







Коментари (0)
Коментарите за оваа објава се затворени.