Вратата е висока 1,60 метри и широка 65 сантиметри, а дебелината на штицата се движи од три до шест сантиметри. Во долниот лев дел бил издлабен испуст што лежел во дрвениот праг и служел како оска за вртење. Низ дупките долж левиот раб минувале кожени ленти или врвки од растителни влакна, со кои вратата била врзана за рамката.
Ја открил земјоделецот и археолог-аматер Јакоб Месикомер во јуни 1868 година, додека копал во тресетните мочуришта на Робенхаузен, источно од Цирих. На почетокот помислил дека пронашол капак од сандак или клупа, а не врата.
Дрвото опстанало со милениуми благодарение на калта заситена со вода и без кислород. Таквата средина го спречила дејствувањето на габите и бактериите што предизвикуваат гниење. „Archaeology World“ ја опишува вратата како еден од најдобро зачуваните неолитски дрвени артефакти во Европа.
Нејзината старост не можела да се утврди со дендрохронологија, односно датирање според годишните прстени на дрвото, бидејќи расцепената штица немала доволно последователни прстени. Затоа истражувачите од ЕТХ Цирих во 1998 година примениле радиојаглеродно датирање, со кое ја сместиле околу 3.700 година пр.н.е.
Вратата се чува во Националниот музеј во Цирих, Швајцарија.







Коментари (0)
Коментарите за оваа објава се затворени.