Во изминатата година, според партиското соопштение, во повеќе населени места во Општина Петровец биле реализирани инфраструктурни, комунални, социјални и спортски проекти. Општината наведува дека нејзин фокус е решавањето на инфраструктурните и комуналните потреби, рамномерниот развој и подобрите услови за живот.
За подобрување на водоснабдувањето биле избушени нови бушотини во Сушица, Горно Коњари, Катланово, Блаце, Кожле, Тотинци и Брезица. Во Средно Коњари биле поплочени улици со бекатон-плочки и поставена канализациска мрежа, а во Долно Коњари било изградено повеќенаменско спортско игралиште.
Во населбата Блок 6 во Ржаничино биле асфалтирани четири улици, со претходно изградени канализациска и атмосферска мрежа, улично осветлување и тротоари. Во соопштението се наведуваат и две улици со павер-елементи. Во Огњанци биле асфалтирани две улици, а работите на канализациската мрежа продолжувале. Со канализација биле опфатени околу 90 проценти од населеното место.
Асфалтирани биле и улици во Петровец, Катланово и Катлановска Бања, а во Градманци била изградена улица со павер-елементи. За подобрување на безбедноста во сообраќајот бил изработен проект за Петровец и Ржаничино, одобрен од СВР Скопје, по што била поставена вертикална и хоризонтална сообраќајна сигнализација.
За сите ученици биле обезбедени работни униформи. Во ООУ „Братство и единство“ бил реконструиран плафонот, биле поставени нови електрични светилки и биле докомплетирани помошните простории на спортската сала. Во соработка со Фудбалската федерација на Македонија биле реконструирани терените во Петровец, Ржаничино, Долно Коњари и Средно Коњари.
Во изминатата година, според соопштението, пензионерите со пензија до 23.000 денари добиле по 2.500 денари, за секое прваче биле обезбедени по 4.000 денари, а лицата со попреченост добиле по 20.000 денари. За социјално загрозени семејства биле обезбедени повеќе од 230 хуманитарни пакети по повод Велигден и Рамазан Бајрам.
Општината набавила и два камиони за собирање смет, со што, според соопштението, се создаваат услови за поефикасно одржување на јавната чистота. Меѓу завршените проекти се наведени парк во училишниот двор на ООУ „Кочо Рацин“, три теретани на отворено во Петровец, Ржаничино и Катланово и детски забавен парк во дворот на градинката „Авионче“.
По барање на жителите од улица 1 во Петровец бил саниран мостот што им обезбедува пристап до домовите. Биле исчистени и диви депонии во Огњанци и Петровец.







Коментари (0)
Коментарите за оваа објава се затворени.