Околу 28% од испитаниците во Демир Хисар дале суштински точно спонтано објаснување на климатското финансирање, што е највисок удел во примерокот. За темата преку најмалку еден извор се информираат 75% од граѓаните, а значајна улога имаат локалните медиуми и непосредната комуникација меѓу нив.
Соодветна контрола и надзор врз трошењето на средствата сметаат дека постојат 59% од испитаниците. Истражувањето наведува дека овој удел е статистички значајно повисок од резултатите во останатите анализирани општини, како и дека граѓаните високо го оцениле своето суштинско учество во локалното одлучување.
Меморандумот воспоставува рамка за соработка во проект за зајакнување на интегритетот и транспарентноста на климатските финансии, со фокус и на спречување корупција. Општина Демир Хисар ќе учествува во анализа на локалните практики, зајакнување на капацитетите на општинската администрација и подобрување на транспарентноста на финансиските информации.
Предвидени се и активности за климатско буџетирање, управување со ризици, транспарентност и антикорупциски практики, како и развој на алатки за полесно следење на средствата и активностите поврзани со климатските и еколошките политики. Соработката треба да отвори можности за вклучување на граѓаните, граѓанските организации и локалниот бизнис сектор.
Проектот има цел да придонесе за поголема транспарентност, отчетност и интегритет при планирањето и користењето јавни средства поврзани со климатските промени и заштитата на животната средина. Финансиски е поддржан од Европската Унија во рамките на ИПА 2021, преку програмата „ЕУ за владеење на правото“ и EuropeAid/183031/DD/ACT/MK. Почнал во декември 2025 година, а предвидено е да трае до јуни 2028 година.







Коментари (0)
Коментарите за оваа објава се затворени.