Ѓорѓиевски денес извршил увид во работите заедно со премиерот Христијан Мицкоски и Сотир Лукровски. Мостот треба да ги поврзе улиците „Љубљанска“ и „Скупи“. Според градоначалникот, сообраќајното решение ќе овозможи врска меѓу северниот и западниот дел на Скопје, подобар пристап до Злокуќани, Бардовци и Индустриската зона, како и побрз излез кон обиколницата и помало оптоварување на булеварите „Партизански одреди“ и „Илинденска“.
Проектот предвидува коловоз широк 12 метри со четири ленти, по две во секој правец, на површина од 5.350 квадратни метри. Од двете страни се предвидени пешачки и велосипедски патеки широки по два метра, со вкупна површина од 3.815 квадратни метри. Изградени се потпорни ѕидови со 2.050 кубни метри бетон и атмосферска канализација во должина од 473 метри, а треба да се постават и 40 столбови за улично осветлување.
Градоначалникот наведе дека е надминат застојот поради потребното мислење и дозвола од Конзерваторскиот центар за заштита на локалитетот „Скупи“. Според неговата објава, дозволата е обезбедена, заштитата на културното наследство е запазена, а градежните работи продолжуваат.
Во истата објава Ѓорѓиевски наведе дека во Карпош се гради парк на површина од 70.000 квадратни метри, со пешачки патеки и хортикултурно уредување, и дека продолжуваат активностите за расчистување на кејот на Вардар.







Коментари (0)
Коментарите за оваа објава се затворени.