Интерактивното едукативно претставување го водеше Димитар Самарџиев. Тој им го доближи на учениците одгледувањето различни видови зеленчук, овошје и билки, како и процесот на компостирање. Зборуваше и за значењето на ваквите градини за здравјето на луѓето и за создавањето заедници што се грижат за животната средина.
Зад „Бостание“ стои граѓанската организација „Зелената арка“. Училиштето ја претставува како првата општествена градина во Скопје и како пример за јавен простор што служи за заедничко градинарење, учење, дружење и грижа за природата.
Преку едукативни работилници, обуки и заеднички иницијативи, „Зелената арка“ ги промовира пермакултурата и одржливото живеење. Во основата на оваа идеја се живеењето во согласност со природата и разумното користење на нејзините ресурси, со соработка, споделување и секојдневна грижа за животната средина.
Посетата беше дел од вториот КА1 Еразмус+ проект на училиштето, „Потенцијал за успех“. Одговорни наставнички беа Ирина Петковска Крстева, координаторка на проектот, и Камелија Симоновска, членка на Еразмус+ тимот.







Коментари (0)
Коментарите за оваа објава се затворени.