„Стандард и Пурс“ очекува економскиот раст да изнесува околу 3,6 отсто во 2026 и 2027 година. Според агенцијата, растот ќе го поддржат високите јавни инвестиции и отпорната домашна потрошувачка, и покрај негативните економски влијанија од војната на Блискиот Исток, особено преку повисоките цени на енергијата.
Како клучни двигатели на растот агенцијата ги издвојува забрзаната реализација на големите инфраструктурни проекти, особено Коридорите VIII и Xд. Според извештајот, тие придонеле инвестициите да пораснат за над 9 отсто во првата половина на 2026 година, а слично високо ниво на инвестициска активност се очекува и во втората половина од годината. Растот, според агенцијата, ќе го поддржи и отпорната приватна потрошувачка, поттикната од подобрувањата на пазарот на трудот, растот на платите и пензиите и повисоките расположливи приходи на домаќинствата.
За периодот 2027–2029 година „Стандард и Пурс“ очекува инвестицискиот циклус да продолжи, со просечен економски раст од околу 3,3 отсто. Во истиот период агенцијата предвидува постепена фискална консолидација и просечен буџетски дефицит од околу 3,4 отсто од БДП.
Според агенцијата, јавните инвестиции, финансирањето на инфраструктурните проекти и обврските поврзани со државните претпријатија ќе влијаат врз нивото на долгот, кое би било 57 отсто до 2029 година. Трошоците за сервисирање на долгот се оценети како одржливи.
Извештајот го нотира непречениот пристап на Владата до меѓународните пазари на капитал и ги посочува двете еврообврзници од по 500 милиони евра издадени во јануари 2026 година. „Стандард и Пурс“ наведува дека трајното подобрување на фискалните перформанси, одржливото намалување на нето јавниот долг и посилниот економски раст би имале позитивно влијание врз кредитниот рејтинг.
Агенцијата ја нотира и посветеноста на Владата кон европската интеграција, која ја оценува како важен двигател на структурните реформи на среден рок. Кредитниот рејтинг на Македонија се оценува двапати годишно и служи како индикатор за инвеститорите и меѓународните финансиски пазари при процената на кредитниот ризик.







Коментари (0)
Коментарите за оваа објава се затворени.