Иницијативата „SAFE“ („Sustainable Access to Finance for Entrepreneurship“) беше потпишана на 11 ноември во Сараево. Таа е поддржана од Европската комисија и се реализира во партнерство со италијанските финансиски институции „Cassa Depositi e Prestiti“ („CDP“) и „Banca Etica“.
Групацијата ја претставуваше нејзиниот претседател Никола Јошевски. На потпишувањето присуствуваа и претставници на Европската комисија и на микрофинансискиот сектор од Западен Балкан, како и Карло Росото, директор за развојна соработка и меѓународни институционални односи во „CDP“, и Федерика Јелази, потпретседателка на „Banca Etica“.
Јошевски ја нагласи улогата на небанкарските финансиски институции во финансирањето на микро, малите и средните компании, особено на оние без доволно обезбедување, кредитна историја или пристап до традиционални банкарски производи. Според него, „SAFE“ отвора можности за развој на секторот, поголема финансиска вклученост и достапни и одговорни финансиски услуги за компаниите.
Според Стопанската комора, програмата треба да ги зајакне капацитетите на микрофинансиските и другите небанкарски финансиски институции и да ја зголеми нивната можност за финансирање. Посебен потенцијал за поддршка се гледа кај компаниите во рана фаза на развој, самовработените, жените и младите претприемачи, како и бизнисите во руралните средини.
Поддршката се темели на комбинација од финансиски средства, механизми за споделување на ризикот и техничка помош, со цел кредитите да станат подостапни. Комората посочува дека ваквите инструменти може да им го олеснат на компаниите пристапот до средства за опрема, зголемување на производството, отворање работни места, дигитализација и зелена трансформација.
За небанкарските институции, очекуваните можности се јакнење на институционалните и финансиските капацитети, развој на нови финансиски производи и проширување на услугите кон клиенти кои остануваат недоволно опслужени од традиционалниот финансиски систем.
Групацијата го поврзува своето учество со активностите за подобрување на деловното и регулаторното опкружување во секторот, зајакнување на регионалната и меѓународната соработка и поврзување на домашните компании со меѓународни финансиски партнери.







Коментари (0)
Коментарите за оваа објава се затворени.