Анализата ја подготвил Никола Максимовски, специјалист за енергетски пазари во МЕМО. Според неа, негативни цени може да се појават кога понудата на електрична енергија е поголема од побарувачката, а можностите за намалување на производството, зголемување на потрошувачката, складирање или извоз се ограничени.
Такви услови може да се создадат при силно производство од сончеви и ветерни електрани, за викенди и празници кога индустријата троши помалку струја, или кога мрежата и електраните не можат доволно брзо да се приспособат. Максимовски го издвојува и растот на бројот на фотоволтаични електрани во Македонија како фактор што дополнително притиска врз цените во сончевите часови.
Индустриските компании со флексибилно производство би можеле да ја префрлат потрошувачката во часовите со поевтина енергија. За снабдувачите и трговците се отвора можност за поевтина набавка и нови понуди, но и потреба подобро да управуваат со ценовниот ризик.
За производителите, пак, негативните цени го отежнуваат планирањето на приходите и инвестициите. Анализата ги посочува подобрите прогнози, складирањето енергија и хибридните електрани како начини за приспособување.
Како една од можностите поврзани со ваквите пазарни услови, анализата го наведува развојот на системи за складирање. Тие можат да преземаат електрична енергија кога цените се ниски и да ја испорачуваат на пазарот кога побарувачката и цените се повисоки.
МЕМО ги опишува негативните цени како сигнал за односот меѓу понудата и побарувачката. Развојот на пазарот во тековниот ден треба да им овозможи на учесниците да ги приспособуваат трговските позиции поблиску до испораката. Целосната анализа е достапна на страницата на МЕМО.







Коментари (0)
Коментарите за оваа објава се затворени.