Претходната верзија на планот била доставена до Министерството во декември 2025 година. Планот е стратешки документ за идниот инфраструктурен развој, инвестициите и одржливото уредување на просторот во државата.
Во текот на 2025 година Агенцијата изработила 435 услови за планирање на просторот и работела на урбанистичка документација за проекти од државно и локално значење, меѓу кои граничните премини Табановце и Богородица и аеродромот „Св. Апостол Павле“. Во истиот период започнала и првата фаза од Генералниот урбанистички план на Куманово.
Агенцијата остварила најголема добивка пред оданочување во последните пет години, со намалени расходи во однос на претходната година. Независната ревизија позитивно ги оценила прикажувањето на финансиската состојба и успешноста на институцијата.
Според извештајот на Државната комисија за спречување на корупцијата, исполнетоста на системот за интегритет на Агенцијата се зголемила од 15,3 проценти во 2024 на 71,15 проценти во 2025 година, односно за 55,85 процентни поени. Извештајот го поврзува напредокот со воведување појасни правила, етички стандарди и механизми за одговорно управување.
Студија за урбан развој во рамките на Просторниот план на државата ја добила Големата награда „Владимир Мачура“ на 34. Меѓународен салон за урбанизам во Зрењанин.







Коментари (0)
Коментарите за оваа објава се затворени.