На средбата Сиљановска-Давкова беше придружувана од македонскиот амбасадор во НАТО, Муртезани, и началникот на Генералштабот, генерал-мајор Лафчиски. Таа ја истакна посветеноста на земјата на колективната одбрана и оцени дека стабилноста на Западен Балкан е неразделна од безбедноста на пошироката евроатлантска заедница.
Според претседателката, нерешените спорови, политичките тензии и институционалната ранливост го прават регионот подложен на хибридни закани, дезинформации и злонамерни надворешни влијанија. Таа посочи дека се потребни поголема отпорност, подготвеност за кризни состојби и заштита на критичната инфраструктура. Континуираното присуство на КФОР и другите мисии на НАТО, според неа, е важно за мирот и стабилноста на Косово и поширокиот регион.
Во тек е ажурирање на стратегиските документи за одбраната и долгорочниот развој на способностите на Армијата. Сиљановска-Давкова оцени дека модернизацијата, покрај набавка на современа опрема, бара внимателно планирање, долгорочни инвестиции и тесна соработка со сојузниците, усогласени со потребите на Армијата и барањата на Алијансата.
Таа ги издвои Коридорите 8 и 10, оценувајќи дека нивната географска положба и инфраструктурна поврзаност се значајни за мисијата на Алијансата. Сиљановска-Давкова ја истакна и определбата на земјата за почитување на суверенитетот, независноста и територијалниот интегритет на Украина, согласно меѓународното право и Повелбата на Обединетите нации, како и подготвеноста за продолжување на соработката со сојузниците во заедничките механизми за помош.







Коментари (0)
Коментарите за оваа објава се затворени.