Критиките се однесуваат на бришењето на членовите 28-а, 28-б, 28-в и 28-г за идентификација, управување и санација на контаминирани подрачја. Оценката е дека со тоа би ослабнале правната основа за справување со загадените подрачја и координацијата меѓу институциите, општините и научните установи.
Меѓу посочените промени е и измената на членот 20, со која би се избришала забраната за реконструкција на тешка и загадувачка индустрија на помалку од пет километри од населено место или заштитено природно подрачје. Забелешките ја опфаќаат и обврската кон записниците од јавните расправи да се приложуваат стенографски белешки и аудио или видео записи, која би се укинала, како и намалувањето на гаранциите за електронска достапност на документацијата за загадувачки капацитети и проекти.
За индустриската безбедност, „Зелен хуман град“ предупредува на замена на мислењата од повеќе надлежни институции со четиричлена комисија определена од министерот. Како спорно го издвојува и предложеното правило според кое, ако надлежните органи не достават мислење во предвидениот рок, ќе се смета дека немаат забелешки.
Во реакцијата се наведува дека предложените измени добиле по осум гласа „за“ во Комисијата за европски прашања и во Законодавно-правната комисија, без гласови против или воздржани.






Коментари (0)
Коментарите за оваа објава се затворени.