Бојковска ги постави прашањата на продолжението на надзорната расправа во собраниската Комисија за финансирање и буџет за причините за воведување администрација во Алта банка, постапувањето на Народната банка и одговорноста на институциите. Таа го праша Емини дали привремената администрација се смета за ризичен настан според Законот за Фондот за осигурување на депозити.
Пратеничката побара две суми: со колку пари располага Фондот заклучно со денеска и колку вкупно изнесуваат осигурените депозити во Алта банка. Рече дека сака да се разјасни колкав товар би паднал врз Фондот при неповолен развој на настаните и дали би имал доволно средства да ги исполни законските обврски. Бојковска ја обвини опозицијата дека шири шпекулации за состојбата со банката.
За споредба, Бојковска потсети дека во август 2020 година Народната банка ѝ ја одзела дозволата за работа на Еуростандард банка АД Скопје без претходно да воведе администрација. Со одземањето на дозволата се активирал законскиот механизам за обесштетување на осигурените депозити. Според Бојковска, оправдано е прашањето поставено на расправата зошто Народната банка тогаш не вовела администрација навреме. Од Емини побара да каже колку граѓани обесштетил Фондот по одземањето на дозволата и колку пари вкупно им исплатил досега.







Коментари (0)
Коментарите за оваа објава се затворени.