Една од целите е да се зајакне кривичната одговорност за корупција и злоупотреби во јавниот сектор. Се преработуваат одредбите од членот 353 за злоупотреба на службената положба и овластување, а нацртот посебно ги уредува злоупотребите при јавните набавки, концесиите и јавно-приватните партнерства.
Министерот за правда Јетон Шасивари рече дека висината на казната е само еден дел од борбата против криминалот. Според него, подеднакво е важно законикот јасно да ги дефинира кривичните дела за да може правилно да се утврди одговорноста и судовите доследно да ги применуваат одредбите.
Новиот законик треба да го замени постојниот од 1996 година. Шасивари оцени дека поради општествените, економските и технолошките промени и новите форми на криминал, измените на одделни одредби веќе не се доволни. Целта е кривичните дела да се обединат и систематизираат во законикот, да се подобри системот на казни и казненото законодавство да се усогласи со европските и меѓународните стандарди.
На текстот работат домашни и меѓународни експерти. Работните верзии се објавени на ЕНЕР, а текстот е испратен на мислење до Европската комисија. Шасивари повика на отворена стручна дебата: „На граѓаните не им должиме само нов закон. Им должиме правда која функционира“.
На расправата во Скопје учествуваа членови на работната група и претставници на судовите, јавните обвинителства, Адвокатската комора, академската заедница, невладиниот сектор, амбасадите и ОБСЕ.
Консултациите ќе продолжат во Гостивар, Штип и Битола. Со расправите на подрачјата на четирите апелациони судови, Министерството сака пред да го заврши текстот да ги разгледа отворените правни прашања и да ги слушне предлозите на оние што непосредно го применуваат казненото законодавство.







Коментари (0)
Коментарите за оваа објава се затворени.