Советот ја советува Општината, предлага иницијативи и ја координира работата на обликување и унапредување на локалните здравствени политики. Според Гоцевски, за здравјето на жителите не се одговорни само здравствените установи. И Општината има улога во создавањето поздрава и побезбедна средина за живеење. Тој се заложи Делчево да продолжи да ги развива политиките и активностите за подобро здравје и благосостојба на жителите.
На форумот, организиран со поддршка на Светската здравствена организација (СЗО), учесниците разменија искуства од иницијативи што веќе се спроведуваат во одделни општини. Дел од нив ги поддржува и СЗО. Се разговараше за улогата на општинските раководства и советите за јавно здравје, како и за тоа како институциите од различни области заедно да ги планираат и спроведуваат превентивните активности.
Здравјето и благосостојбата во училиштата, спречувањето на употребата на тутун и помошта за откажување од пушење се примерите преку кои учесниците треба да разгледаат како општините можат потесно да соработуваат со здравствените и образовните установи и со другите локални партнери. Целта е да се утврдат конкретни чекори со кои општините ќе ги зајакнат своите капацитети за превенција и ќе ги продолжат започнатите иницијативи. Успешните практики би можеле да ги применат и други општини каде што тие одговараат на локалните приоритети.
За Делчево, учеството на форумот е можност за нови партнерства и поддршка за локалните иницијативи, за здравјето и превенцијата да добијат позначајно место меѓу развојните приоритети на Општината. Гоцевски се сретна со д-р Аким Али, претставник на СЗО и шеф на нејзината канцеларија во Македонија. Разговараа за соработката на општините со меѓународните здравствени организации и за можната поддршка на локалните здравствени иницијативи.







Коментари (0)
Коментарите за оваа објава се затворени.