На пленарниот состанок на Секторската работна подгрупа „Внатрешни работи“, учесниците ги разгледаа и тековните проекти, стратегиите, плановите и програмските документи на МВР. Разговараа за тоа до каде се реформите, со какви тешкотии се соочува Министерството и каква дополнителна поддршка би можело да добие.
Тошковски оцени дека новите предлози можат да ѝ помогнат на полицијата да се модернизира, а на Министерството да работи поефикасно. За да преминат од предлози на конкретни активности, институциите и нивните партнери треба заедно да ги проценат реалните потреби, да утврдат што сакаат да постигнат и какви резултати очекуваат, рече министерот. Според него, решенијата треба да можат да се применуваат и на долг рок.
Подгрупата им помага на институциите заеднички да ги планираат и спроведуваат проектите финансирани преку Инструментот за претпристапна помош на ЕУ (ИПА) и да ја усогласат работата со меѓународните партнери околу реформските приоритети. На состанокот во свечената сала на Владата присуствуваа Роберта Кортезе од Делегацијата на ЕУ, дипломати и претставници на надлежните институции и на меѓународни организации.
ЕУ и меѓународните партнери преку ИПА и други програми го поддржуваат МВР во јакнењето на неговите институционални, кадровски и технички капацитети. Тошковски рече дека за успехот на таа соработка се потребни јасни заеднички приоритети, но и иницијатива и одговорност од самите институции.
Министерот рече дека МВР ќе продолжи да ги исполнува обврските од Реформската агенда, да ги спроведува препораките на Европската комисија и да ја усогласува полициската работа со европските стандарди и практики. Како цел ја посочи професионалната полиција во служба на граѓаните, во рамките на подготовките за полноправно членство на Македонија во ЕУ.







Коментари (0)
Коментарите за оваа објава се затворени.