За битолската банка, Трајчулески праша дали Управата ги проследила уплатите до нивниот првичен извор, од кои сметки биле префрлени парите и дали во купувањето учествувале посредници или поврзани лица. Повикувајќи се на членовите 12 и 13 од Законот за финансиска полиција, побара Ивановски да каже кои документи ги обезбедила Управата и дали ги споредила изводите и платните налози со договорите и сметководствената евиденција.
Трајчулески праша и дали Финансиската полиција, преку обвинителството или по друг законски пат, побарала податоци од Србија. Го интересираше дали Управата проверила дали сметките, трансакциите или поврзаните лица опфатени со тамошната истрага се појавуваат и во финансирањето на преземањето или во подоцнежни трансакции со банката во Битола.
Повикувајќи се на наредбата за истрага на српското обвинителство, Трајчулески рече дека Мацура е осомничен дека присвоил над 380 милиони евра од трезорот на Алта банка. Според пратеникот, Мацура бил уапсен во Србија и судот му определил притвор. Тој рече и дека на 30 октомври 2026 година Народната банка на Србија ѝ ја одзела дозволата за работа на белградската банка и утврдила дека се исполнети условите за поведување стечајна постапка.
Гувернерот на Народната банка, Трајко Славески, на 1 септември 2025 година дал согласност за влез на белградската Алта банка во Стопанска банка Битола, а на 27 февруари дал согласност за именување на Мацура за член на Надзорниот одбор на Алта банка Битола. Трајчулески го обвини Славески дека не ги зел предвид ниту суспензијата што Европската централна банка ѝ ја изрекла на Алта банка при обидот за преземање на Адико банка, ниту постапките за потеклото на капиталот и контролите против перење пари.
За разлика од битолската банка, ЗОИЛ Македонија, денес Алта осигурување АД Скопје, Мацура го купил како физичко лице. На 30 март 2026 година, во блок-трансакција на Македонската берза биле продадени сите 60.000 акции за околу 1,7 милиони евра. Трајчулески праша дали Управата проверила дали Мацура платил од лична сметка и од каде легнале парите на неа.
Пратеникот побара од Ивановски да каже дали Управата ги прибавила документите врз основа на кои Агенцијата за супервизија на осигурување го одобрила преземањето, дали ги споредила со банкарските документи за уплатата и дали побарала информации од српските органи.
Трајчулески праша дали за купувањето на ЗОИЛ е отворен предмет според член 12 од Законот за финансиска полиција, кога и на чија иницијатива, како и дали Управата презела предистражни дејствија или доставила наоди до надлежното јавно обвинителство. Ако предмет не е отворен, побара Ивановски да објасни дали Управата ги оценила достапните информации, што заклучила и дали сега ќе отвори предмет.






Коментари (0)
Коментарите за оваа објава се затворени.