На средбите учествуваа жени од различни возрасни групи и рурални заедници, заедно со претставници на општините и образовниот сектор. Покрај можностите за поголемо учество на пазарот на труд, разговараа и за вклучувањето на жените во носењето одлуки на локално ниво.
Преку интерактивни дискусии и групна работа, учесничките ги идентификуваа локалните предизвици и потврдија голем дел од бариерите претходно утврдени во Пелагонискиот регион.
Во областа на вработувањето, предложена беше подобра поврзаност меѓу училиштата, центрите за вработување и работодавачите. За жените што сакаат да се самовработат или да ги развиваат своите бизниси, учесничките предложија поголема финансиска и менторска поддршка.
Дел од предлозите се однесуваа на подобра инфраструктура, пристап до превоз и поголема достапност на услугите во руралните средини. Учесничките предложија и подобра социјална и правна поддршка за жените, лицата со попреченост и постарите лица, како и унапредување на законските решенија за пензиските, имотните и социјалните права.
Консалтинг за стратешки развој оцени дека локалните предизвици бараат заеднички, практични и одржливи решенија. Организацијата најави дека предлозите и препораките ќе ги достави до соодветните институции во соработка со ЛАГ Агро Лидер и Хуманитарното здружение Мајка – Куманово.
Средбите се дел од проектот „EWI“ – „Економско вклучување и правда за жените од Западен Балкан“, поддржан преку „International Partnerships Austria“. Проектот го спроведува „CARE International Balkans“ во партнерство со четири организации од Западен Балкан, меѓу кои и Консалтинг за стратешки развој.







Коментари (0)
Коментарите за оваа објава се затворени.