Меѓу главните теми во отчетот беа инфраструктурните инвестиции. Во Делчево се реализираат проекти вредни над 300 милиони денари, со поддршка од Владата, донатори и општинскиот буџет. Во изминатиот период се изградени и реконструирани над пет километри улици и пет километри регионални патишта.
За финансиското работење на Општината беше претставена судската одлука со која е овозможено зголемување на месечниот минимум расположливи средства од 8 на 14,5 милиони денари. Гоцевски зборуваше и за мерките за финансиска стабилизација, наведувајќи зголемена буџетска дисциплина и транспарентност.
Според градоначалникот, зголемениот износ носи поголема ликвидност и повеќе простор за редовно извршување на обврските, реализација на проекти и одговор на потребите на граѓаните. Тој оцени дека старите долгови со децении го ограничувале функционирањето и развојот на Општината. Како цел ги наведе систематското намалување на наследениот долг, стабилизирањето на финансиите и враќањето на финансиската слобода, за Делчево да може и да инвестира, а не само да ги подмирува старите обврски.
Гоцевски ја опиша првата година како период посветен на решавање долгогодишни проблеми и создавање услови за развој и нови можности за граѓаните. Покрај инфраструктурата, во фокусот биле урбанизацијата, заштитата на животната средина, локалниот економски развој, културата и туризмот, како и подобрувањето на општинските услуги и транспарентноста.
Во општинското работење беа презентирани новото структурирање на администрацијата и воспоставувањето Совет на интелектуалци и Совет за развој на туризмот. Активностите ги опфатија и интензивирањето на меѓуопштинската и меѓународната соработка, партнерството со бизнис-заедницата и вклучувањето на месните и урбаните заедници во локалните процеси.
Градоначалникот порача дека отчетот не значи завршена работа и дека претстојат нови обврски и предизвици. Се заложи за отворена и одговорна општина и за решенија што ќе им дадат на новите генерации причина да останат и да создаваат во Делчево.
По официјалниот дел настапи поп-пејачката Бојана Скендеровски, со програма во знакот на македонската музика.







Коментари (0)
Коментарите за оваа објава се затворени.