Општина Кавадарци постави нови контејнери и конструкција „Срце за пластични капачиња“ во близина на локалното училиште во Марена. Во селекцијата на отпад се вклучуваат децата, семејствата и пошироката заедница. Според ЗЕЛС, мерката ги подобрила хигиенските услови и управувањето со отпад во руралната населба, а на домаќинствата им ги намалила времето и напорот потребни за негово одлагање.
Вториот пилот-пример е од Општина Крива Паланка, каде што беше развиена „Еко-лабораторија – жива станица за циркуларна економија“. Таа опфаќа модуларен остров за селектирање отпад, едукативни табли со „QR“-кодови, активности за подигнување на јавната свест и ученички натпревар на тема „Реката не е депонија – твојата одлука прави разлика“. ЗЕЛС оценува дека иницијативата го поттикнува учеството на жените, младите и учениците во заштитата на животната средина и придонесува за намалување на отпадот во реките Крива и Дурачка.
Двете мерки произлегоа од Методологијата за интегрирање на родовата перспектива во управувањето со отпад, приспособена на локалниот контекст и пилотирана во Кавадарци и Крива Паланка. ЗЕЛС ги претстави искуствата на состанокот на Работната група за родова еднаквост на НАЛАС, одржан на 18 и 19 ноември во Белград.
Пристапот се заснова врз анализа на потребите на различни групи граѓани и врз родово одговорно буџетирање, односно планирање средства со внимание кон различните потреби на жените и мажите. Според ЗЕЛС, тоа им помага на општините заложбите за еднаквост да ги преточат во конкретни инвестиции, активности и мерливи резултати, со поквалитетни услуги, поефикасно користење на ресурсите, поинклузивни политики и поголема отчетност пред граѓаните.
Како клучна поука од примената, на состанокот беше посочено дека оваа работа не може да остане обврска само на координаторите за еднакви можности. Потребни се и општинското раководство, секретарите, секторите за финансии и животна средина и јавните комунални претпријатија.
Меѓу пречките беа издвоени недостигот од податоци одделно за жените и мажите, ограничените механизми за собирање информации што ги отсликуваат нивните различни потреби и тешкотиите при добивањето технички и оперативни податоци од комуналните претпријатија. Во дискусијата беше оценето дека одржливоста на мерките зависи од институционалната посветеност, редовната размена на податоци и континуираната соработка меѓу локалните чинители.
Свое искуство претстави и Асоцијацијата на општини од Молдавија. НАЛАС ги избра двете асоцијации за оваа активност во проектот „Вклучување на родовата перспектива во испораката на локални услуги низ земјите од Југоисточна Европа преку НАЛАС“. ЗЕЛС имаше експертска улога во приспособувањето на методологијата, изработката на студии на случај и алатки за учење, како и во идентификувањето добри практики, меѓу кои и мерките во Кавадарци и Крива Паланка.








Коментари (0)
Коментарите за оваа објава се затворени.