Костадиновски зборуваше на меѓународната конференција „Современи предизвици за владеењето на правото: Улогата на уставните судови“ во Охрид, одржана во рамките на Четвртиот годишен состанок на Форумот на балканските уставни судови. Во воведното обраќање ја поврза довербата на граѓаните со одговорноста на уставните судии да ги заштитат демократските и уставните вредности.
Во првите два месеца од својот мандат тој донел одлука по секоја седница претседателот и/или судијата известител да ја информираат јавноста за најзначајните одлуки. Според Костадиновски, Судот веќе имал воспоставени стандарди за транспарентност, но имало простор за поголема отвореност.
Тој и уште неколку судии често настапуваат во медиумите. Костадиновски рече дека намерата не е судиите да станат познати личности, туку да одговорат на реакциите, критиките и на она што го оцени како манипулации. Целта, според него, е граѓаните и државните органи да разберат дека Судот одлучува исклучиво врз правни аргументи, без политички, етнички, верски или други преференции.
Преносите во живо ги опиша како следен чекор, преземен по охрабрувачки резултати од дотогашното отворање, и како реткост во уставното судство во светот. Притоа нагласи дека довербата не зависи само од судовите, туку и од други фактори и актери, но дека таа е нераскинливо поврзана со независноста и не може да се гради без отвореност и силни, аргументирани образложенија на одлуките.
Според Костадиновски, довербата е најважниот капитал на секој уставен суд. За разлика од политичките институции, рече тој, уставните судови немаат ниту политичка моќ ниту механизми на принуда, па нивниот авторитет произлегува од квалитетот на одлуките и довербата што ја уживаат кај граѓаните.
Како поширок предизвик тој ги посочи ослабената улога на парламентите и сѐ посилните извршни власти. Оцени дека демократската ерозија и авторитарните тенденции можат формално да се одвиваат во демократските институции, а суштински да ги поткопуваат демократските вредности. Во исто време, уставните судови треба да ја бранат својата независност и да одговараат на обвинувањата за прекумерен судски активизам.
Овие притисоци, според него, се поизразени во државите во транзиција, каде што демократските институции сѐ уште се консолидираат, политичката култура е недоволно развиена, а политичките влијанија врз институциите се секојдневен предизвик. Во такви околности, оцени Костадиновски, растат и важноста и одговорноста на уставното судство.







Коментари (0)
Коментарите за оваа објава се затворени.