Кочов, поранешен претседател на американско-македонската алумни асоцијација, рече дека е горд на својот придонес кон зголемувањето на бројот на стипендии за научници и истражувачи и отворањето повеќе можности за студентите од Македонија. Според него, секоја дополнителна стипендија е шанса за студирање или истражување во странство, но и за внесување нови идеи и познанства во работата дома.
За искуствата по враќањето зборуваше и министерката за образование и наука Весна Јаневска. Таа посочи дека престојот на високорангирани американски универзитети им овозможува на македонските стипендисти пристап до различни стандарди за истражување и настава, како и до професионални мрежи што опстојуваат по завршувањето на стипендијата. Стекнатото знаење, рече таа, го применуваат на универзитетите, во лабораториите, институциите и училиштата, што го оцени како значајно вложување во човечки капитал.
Размената им овозможува и на американски студенти, професори и истражувачи да ја запознаат Македонија, нејзините природни убавини, културното наследство и гостопримството на граѓаните. Јаневска ја нагласи вредноста на пријателствата и партнерствата што продолжуваат по престојот, како и можноста младите луѓе, научниците, истражувачите и професионалците да учат едни од други.
Според министерката, визијата на сенаторот Фулбрајт за меѓусебно разбирање меѓу народите преку образованието е особено актуелна во свет со сѐ поголеми предизвици и поделби. Таа ја оцени меѓународната академска соработка како важна за градењето трајни вредности, партнерства и доверба.
Повеќе од 450.000 студенти, истражувачи и професионалци од над 160 земји студирале во САД или во странство со американска поддршка преку Фулбрајт. Меѓу поранешните учесници има државници, нобеловци, научници и претприемачи.
В.д. амбасадорката на САД во Македонија Никол Варнс го опиша Фулбрајт како водечка академска програма за меѓународна размена на Стејт департментот и рече дека добитниците со децении ги користат нејзините можности, а потоа се враќаат дома за да придонесуваат, создаваат и водат.
Јаневска најави дека Министерството за образование и наука ќе продолжи да ја поддржува програмата за поголема поврзаност меѓу македонскиот и американскиот народ. МОН останува отворено за продлабочување на соработката преку заеднички проекти, институционални партнерства и мобилност на студенти и истражувачи.







Коментари (0)
Коментарите за оваа објава се затворени.