Федерацијата на македонските културно-уметнички друштва во Викторија („FOMKUD“) ги повлече учесниците од „Мумба 2026“, одржан од 5 до 9 март, откако Градот Мелбурн не им дозволи да го носат знамето. Според СМК, од нив било побарано да го користат само државното знаме на Македонија, наместо знамето со шеснаесетзрачно златножолто сонце на црвена основа.

СМК ја поздрави независната процена и прифаќањето на препораките од Градот Мелбурн, како и признавањето на последиците што забраната ги имала врз младите учесници. Конгресот наведува дека градските власти ја признале грешката и ѝ се извиниле на македонската заедница, а тој го прифаќа извинувањето.
Претходното ограничување СМК го оценува како дискриминација и како спротивно на Законот за еднакви можности од 2010 година. Неговиот приговор е дека селективно бил ограничен симбол што македонската заедница го смета за историски и културен.
Македонските организации упатија декларација до Градот Мелбурн на 4 март 2026 година во врска со забраната. Во неа го опишаа знамето од Кутлеш како антички и свет културен симбол на историјата, идентитетот и културниот континуитет на Македонците, кој им претходи на современите политички спорови, а не како знаме на политичка партија, држава или современо движење.
Потписниците тврдеа дека ограничувањето на нивниот симбол, додека на други заедници им се дозволуваат слични симболи, претставува нееднаков третман и потиснување на македонското културно изразување. Од градот како организатор побараа доследна примена на еднаквоста пред законот, оценувајќи дека исклучувањето од фестивал што промовира мултикултурна вклученост ја поткопува довербата во неговото управување.
Зад декларацијата стоеја Австралиско-македонскиот совет на Нов Јужен Велс, Македонска австралиска гордост, СМК – Австралија, Македонска историја, Македонското Кралство и Македонците засекогаш Македонија, Македонската православна младина на Австралија, Македонија за Македонците, Македонското студентско друштво на Универзитетот во Мелбурн, Македонски корени „J“ & „B“ и КУД „Александар III Македонски“.
СМК ги отфрли и реакциите на грчкото Панмакедонско здружение во Мелбурн и Викторија против повторното дозволување на знамето за фестивалот во 2027 година. Македонската заедница учествува на парадата „Мумба“ од 1960-тите години.
Фестивалот го организира Градот Мелбурн од 1955 година, за време на долгиот викенд за Денот на трудот во март. Случувањата се концентрирани околу реката Јара и парковите Александра Гарденс и Бирарунг Мар. Тоа е најголемиот и најдолготрајниот бесплатен фестивал на етничките заедници во Мелбурн, со над еден милион посетители.
Програмата опфаќа парада со украсени платформи низ центарот на градот, крунисување фестивалски крал и кралица кои ја предводат поворката, луна-парк со рингишпили, игри и храна во Александра Гарденс, музика во живо, улични изведувачи, семејни активности и огномет секоја вечер. На реката се одржуваат натпревари во скијање на вода, трки со чамци и „Birdman Rally“, на кој учесниците со домашно направени летала се обидуваат да полетаат од платформа над водата.
Фестивалот првично бил замислен за оживување на Мелбурн и привлекување туристи. Името „Мумба“ потекнува од абориџински јазик и, според популарното толкување, значи „ајде да се собереме и да се забавуваме“, што е и темата на парадата.







Коментари (0)
Коментарите за оваа објава се затворени.