Станува збор за две простории во салата „Наум Наумовски Борче“ – Партизан, кои Општина Карпош им ги отстапила на невладините организации и на младите од општината за да ги реализираат своите идеи, активности и иницијативи. Отворањето било организирано по повод 50 години од основањето на Општина Карпош.
Идејата за центрите потекнала од Сотир Лукровски и Мирјана Пехчевска, а за реализацијата се погрижиле Александра Теова и Роберт Јанковски од Секторот за развој на Општина Карпош.
Градоначалникот Сотир Лукровски рече дека во работата на центрите веќе се вклучени десет невладини организации, кои работат во области како спорт, бизнис, екологија, младински прашања и поддршка на лицата со попреченост. Тој посака тие да бидат простор за идеи и соработка, каде младите ќе се чувствуваат слушнати и поддржани, а граѓанските организации добредојдени.
Лукровски им врачил благодарници на претставниците на Халк банка, Стопанска банка и книжарницата Тримакс за поддршката при опремувањето на центрите. Гостите донирале книги за младинската библиотека што ќе функционира во Младинскиот центар, а напишале и пораки и предлози до младите. Младите, пак, запишале идеи за тоа како го замислуваат Карпош.
На настанот настапиле шест младински бендови. Општината најавила дека од понеделник Младинскиот центар ќе биде отворен за младите, со тематски сесии, дебати и презентации на идеи. Од него се очекува да произлезат младински иницијативи за подобрување на квалитетот на животот во локалната заедница.







Коментари (0)
Коментарите за оваа објава се затворени.