Конференцијата „Славистиката и македонистиката: историски и современ дискурс“ се одржува на 16 и 17 ноември, со учесници од Македонија, Украина, Србија, Русија и Унгарија. Осумте сесии, покрај делото и времето на Мисирков, ги опфаќаат развојот на славистиката и македонистиката и научните врски на Македонија со светот.
На повеќе сесии во текот на двата дена присуствуваа и педесетина ученици од скопската гимназија „Јосип Броз-Тито“, заедно со професорката Јулија Ликоска-Угриноска.
Меѓу учесниците беше и м-р Милчо Јованоски, виш библиотекар во НУ Библиотека „Григор Прличев“ – Охрид, кој го претстави трудот „Македонистот Волф Ошлис“. Во него ги разгледува ставовите на германскиот славист, македонист и политиколог за историјата на македонскиот јазик, македонскиот идентитет и културната посебност, како и за делото на Крсте Мисирков и Блаже Конески. Посебно место има преводот на Ошлис на „За македонцките работи“, со детали за неговото издавање и печатење.
Ошлис од 1975 година редовно доаѓал на Летната школа во Охрид, чие работење Јованоски го следи како новинар и публицист од 1984 година. Трудот се потпира на медиумски изјави и интервјуа на Ошлис, но и на личните сознанија и контакти на авторот со него. Јованоски раскажа и дека Ошлис, кој почина неодамна, во својот дом чувал историски карти на Германија на кои била претставена и Македонија.
За денес, по завршните сесии, беа најавени промоции на две книги: „Социолошкиот дискурс на Крсте Петков Мисирков: за македонскиот идентитет и за нацијата“ од проф. д-р Ганка Цветанова и „Окружението на Мисирков“ од проф. д-р Димитар Пандев.
Институтот за старословенска култура – Прилеп годинава првпат е меѓу организаторите на Мисирковите денови. Манифестацијата ја организира заедно со Институтот за национална историја, Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“, Институтот за фолклор „Марко Цепенков“ и Институтот за македонска литература.
На отворањето се обрати и директорот на прилепскиот институт, проф. д-р Александар Василески. Координаторки на манифестацијата се проф. д-р Лилјана Гушевска и проф. д-р Билјана Ристовска-Јосифовска.







Коментари (0)
Коментарите за оваа објава се затворени.