Истражувачите и учесниците дискутираа во три научни сесии посветени на учењето историја преку учебниците, наративите во јавната комуникација на учебниците и етнокултурниот идентитет во нив. Целта на конференцијата е, покрај согледувањето на сегашната состојба, да се бараат научно засновани начини учебниците да бидат посоодветни, попривлечни и поблиски до учениците.
Директорот на Институтот за духовно и културно наследство на Албанците, д-р Бесник Емини, се заложи академските истражувања да влијаат врз политиките за изработка и издавање учебници. Според него, квалитетот треба да биде главниот критериум, без надворешни влијанија од други области. Тој ја оцени посветеноста на образованието и подобрувањето на учебниците како неопходен дел од развојот на општеството.
Конференцијата ја организира Институтот за духовно и културно наследство на Албанците во Северна Македонија, како дел од културно-научната манифестација Денови на азбуката 2026. На отворањето на денешната работа, кое го модерираше Фјола Златку, се обратија Емини и министерот за култура и туризам Седат Сулејмани.
Сулејмани ја оцени како значајна расправата за учебниците во периодот на ноемвриските празници и Денот на азбуката. Тој потсети на придонесот на дејците од Битолскиот конгрес во поставувањето на темелите на заедничката албанска азбука, со што бил отворен патот за развој на образованието на албански јазик и пренесување на знаењето и културата меѓу генерациите. Изрази надеж дека трудовите ќе придонесат за збогатување на учебниците и за приближување на младите кон албанската историја и култура.
Конференцијата продолжува утре со две теми: албанското училиште во дијаспората и албанската литература во учебниците. Дискусијата ќе ги опфати предизвиците и перспективите на образованието на албански јазик во земјата и во дијаспората.







Коментари (0)
Коментарите за оваа објава се затворени.