Четири лица се лишени од слобода при претреси на четири локации, извршени по наредби од судија на претходна постапка. Уште едно лице е лишено од слобода во Грција и предадено на надлежните органи во Македонија. По шестото лице се трага, а МВР има сознанија дека се наоѓа надвор од државата.
За преземените активности и сознанијата е известено надлежното јавно обвинителство. Судија на претходна постапка им определил мерки на пет лица.
Акцијата следувала по информации што АНБ ги добила преку меѓународната соработка и на почетокот на годинава ги доставила до Секторот за борба против тероризам, насилен екстремизам и радикализам при Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал. Информациите се однесувале на шест македонски државјани од Скопје и Куманово, на возраст од 29 до 73 години.
МВР тврди дека во постапувањето е утврдена меѓусебна поврзаност на лицата, како и нивни врски со странски државјани. Меѓу нив, според Министерството, имало и лица поврзани со таканаречени прокси, односно посреднички мрежи.
При претресите се одземени мобилни телефони, лаптопи, персонални компјутери, УСБ-мемориски уреди, тефтери со контакти и скица со означена локација. Пронајдени се и огнено оружје и муниција, дел без соодветна дозвола. Одземените предмети ќе бидат дополнително анализирани и вештачени.
Акцијата била насочена кон откривање и спречување активности поврзани со кривичните дела „Тероризам“ и „Терористичка организација“. По координираните оперативни и истражни активности, ја спровеле полициските служби при Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал, со поддршка на Специјалната антитерористичка единица „Тигар“.
Соработката меѓу МВР, односно Бирото за јавна безбедност, и АНБ опфаќа континуирана размена на информации, заедничка анализа на безбедносните сознанија и координирано постапување. Двете институции продолжуваат да соработуваат со надлежното јавно обвинителство и меѓународните партнери за навремено откривање и спречување активности што можат да ја загрозат националната и регионалната безбедност.
Од крајот на 2024 година досега, МВР во координација со АНБ постапувало во 10 случаи со вкупно 22 лица. Постапувало и во два одделни случаи против две лица за кривичното дело „Учество во странска војска, полиција, паравоени или параполициски формации во обид“.







Коментари (0)
Коментарите за оваа објава се затворени.