АДКОМ предложи промена на постапката за утврдување на тарифите со која би се прескокнал чекорот во кој општинскиот совет ја носи конечната одлука за избор на тарифата, по известувањето од Регулаторната комисија за енергетика. Целта на предлогот е побрзо завршување на постапката.
Според членовите на АДКОМ, постапката е предолга и може да трае до шест месеци. Тие сметаат дека во тој период може значително да се променат цените на енергијата, што им ја отежнува работата на јавните комунални претпријатија и ја влошува финансиската состојба, која, според нив, веќе е лоша кај поголемиот дел од претпријатијата.
Претставниците на ЗЕЛС одговорија дека не прифаќаат законски измени што би ја намалиле улогата на општинските совети. Потсетија дека Управниот одбор на ЗЕЛС веќе едногласно се изјаснил против одземањето на оваа надлежност, на претходна седница на која како гостин присуствувал претседателот на Регулаторната комисија за енергетика.
Покрај можноста законскиот рок за мислење на советите да се намали од шест на три месеци, ЗЕЛС предложи да се разговара и за тоа Регулаторната комисија за енергетика да предлага гранични вредности на тарифите повеќе од еднаш годишно. Овие предлози треба дополнително да ги разгледа и конечно да ги одобри Управниот одбор на ЗЕЛС.
Разговорите се одржаа на 12 ноември во Маврово, на состанок со Управниот одбор на АДКОМ. На покана на асоцијацијата присуствуваа четворица членови на Комисијата за комунални дејности и животна средина на ЗЕЛС и претставници на администрацијата на ЗЕЛС. Делот од состанокот наменет за нивното учество беше посветен на проблемите на јавните општински претпријатија и на можностите за нивно побрзо решавање.







Коментари (0)
Коментарите за оваа објава се затворени.