Како конкретни примери за лична одговорност, Исени ги посочи користењето безбедносен појас, правилното обезбедување дете во детско седиште и носењето заштитна кацига. Според него, тоа се едноставни одлуки што спасуваат животи, а безбедноста не е само прашање на почитување правила, туку и на култура и свест. За побезбедни патишта, нагласи тој, неопходна е заедничка посветеност на институциите и граѓаните.
Во Македонија е усвоена Националната стратегија за безбедност на сообраќајот на патиштата. Исени ја оцени како основа за системско намалување на сообраќајните жртви и тешките повреди, во согласност со европските цели и принципите на „Визија нула“.
Тој го издвои и системот „Безбеден град“ како еден од најзначајните проекти на МВР во оваа област. Според Исени, автоматското откривање сообраќајни прекршоци со современи технологии ја зајакнува контролата, го подобрува почитувањето на прописите и придонесува за намалување на ризиците во сообраќајот.
Кампањата ја организира Постојаниот секретаријат на Транспортната заедница, меѓународна организација што работи на интеграција на транспортните пазари на Западен Балкан со Европската Унија.
На започнувањето присуствуваа претставници на Министерството за транспорт, Транспортната заедница, Делегацијата на Европската Унија, Министерството за внатрешни работи и Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата, како и експерти за сообраќајна безбедност.







Коментари (0)
Коментарите за оваа објава се затворени.