Како поткрепа за својата оценка, Трајанов ги посочи пречекот на Михајлова со големо медиумско присуство и изјавите од бугарскиот државен врв. Според него, тоа покажува дека операцијата била однапред подготвена, а очекува неговите тврдења да бидат потврдени со дополнителните истраги што, како што рече, се во тек.
Трајанов смета и дека барањето на министерот за внатрешни работи случајот да се расветли е доволен доказ дека немало договор меѓу владите на Македонија и Бугарија за нелегален транспорт на Михајлова.
Од домашните безбедносни служби побара да објаснат како се одвивале настаните. Тој тврди дека може да се најде трага, ако не на друг начин, тогаш преку употребата на мобилен телефон, за да се утврди рутата на Михајлова и дали ја преминала границата на официјален или на неофицијален премин.
Михајлова претходно привлече внимание откако Станислав Цанов на Фејсбук објави снимка од разговор во кој таа учествува. Во снимката, чија автентичност не е потврдена, таа тврди дека бугарската Државна агенција за национална безбедност (ДАНС) ѝ се заканила со оневозможување пристап до медицински третман и рехабилитација ако не се појави во емисијата на Мартин Карбовски пред да даде други интервјуа.
ДАНС ги негираше тврдењата за притисок или закани кон Михајлова. Самата Михајлова изјави дека никој во Бугарија не ја принудил да направи ништо.
Карбовски, во емисијата „Утро во фокус“ на Радио „Фокус“, ја оцени нејзината ситуација како многу тешка. Тој тврдеше дека таа е изложена на влијанија од македонските разузнавачки служби, веројатно и од бугарските, како и од други страни, без да може да биде свесна за нив. Според неговата оценка, некој ѝ се претставил како вистински агент, но тој ја оспори таквата претстава со аргументот дека вистински агент не разоткрива друг агент.







Коментари (0)
Коментарите за оваа објава се затворени.