Според Дрвошанов, намалувањето на буџетскиот дефицит треба да ја зајакне фискалната дисциплина и да ја стабилизира динамиката на јавниот долг. Тој тврди дека фискалната консолидација, односно постепеното намалување на дефицитот, се потпира на порационално трошење, подобро планирање и поефикасно користење на јавните ресурси.
За социјални трансфери во Предлог-буџетот се предвидени 220,8 милијарди денари, што претставува зголемување од 4,1%. Од нив, 123,8 милијарди денари се наменети за исплата на пензии, или 4,8% повеќе од минатата година. Целта е да се обезбедат услови за достоинствен живот на повозрасните граѓани, но и долгорочна одржливост на пензискиот систем.
За социјална заштита на најранливите категории се планирани 14,3 милијарди денари. За активните политики и мерки за вработување се предвидени 2,9 милијарди денари, а за исплата на паричен надомест во случај на невработеност се планираат 1,5 милијарди денари.
Овие средства се наменети за поддршка на семејствата со ниски приходи, лицата во социјален ризик и граѓаните на кои им е потребна институционална помош. Дрвошанов посочи дека социјалната политика треба да обезбеди сигурност и стабилност, но да не се сведува само на финансиска помош. Таа треба да создаде можности за вработување, економска независност и активно учество на граѓаните во општеството.
Фискалната политика за 2027 година е усогласена со донесената Фискална стратегија за периодот од 2027 до 2031 година. Целите се одржување на макроекономската стабилност, забрзување на економскиот раст и зајакнување на фискалната одржливост преку одговорно управување со јавните финансии. Планираните активности треба да се спроведуваат со внимание кон динамиката на јавниот долг и со создавање услови за одржлив, релативно висок раст на БДП и подобар животен стандард.
Дрвошанов оцени дека Предлог-буџетот е подготвен во сложено и неизвесно меѓународно економско опкружување, со надворешни ризици, геополитички предизвици, нестабилност на енергетските пазари и неизвесни глобални економски текови. Во такви услови, целта на Владата е да обезбеди стабилност, да ги заштити интересите на граѓаните и да создаде услови за економски развој.







Коментари (0)
Коментарите за оваа објава се затворени.