Новиот модел предвидува и 1.200 стипендии за социјална поддршка, со први посебни квоти за студенти со попреченост и ретки болести, како и 750 стипендии за висок академски успех. За студентски стандард се предвидени 1,9 милијарди денари, односно 7,2% повеќе. Бојковска рече дека со овие средства се планираат повеќе стипендии и повеќе пари за субвенционираниот студентски оброк.
За ученички стандард се планирани 696 милиони денари, со раст од 12,3%. Вкупниот планиран износ за Министерството за образование и наука е 46,6 милијарди денари. Бојковска оцени дека нема силна економија без образование и дека вредноста на буџетот треба да се мери преку исходот од потрошените средства, опишувајќи го како економска, развојна и политичка порака за иднината на Македонија.
Во образовната инфраструктура се планирани 255 милиони денари за училишни спортски сали, или 11,7% повеќе. Планот опфаќа изградба на 30 нови и реконструкција на 30 постојни сали за учениците низ државата.
За енергетска рехабилитација на студентските домови се предвидени 431,5 милиони денари, односно 12% повеќе. Бојковска најави продолжување на реконструкцијата на државните студентски домови со поддршка од Европската Унија и Германската развојна банка. По „Стив Наумов“ и „Кузман Јосифовски – Питу“ во Скопје, програмата опфаќа уште седум домови во Скопје, Битола, Прилеп, Штип и Охрид.
За реконструкција на ученички домови се предвидени два милиона денари од буџетот на МОН. Со поддршка од Германската развојна банка и грантови од ЕУ се планира реконструкција на шест ученички домови.
Образложувајќи ја економската рамка на Предлог-буџетот, Бојковска рече дека за 2027 година се предвидуваат реален раст на бруто-домашниот производ од 3,8% и просечна инфлација од 3,2%. Таа наведе економски раст од 3,7% во првата половина од 2026 година и од 4,3% во вториот квартал, што го оцени како основа за оптимизам и покрај геополитичките предизвици.
Бојковска ја спореди и годишната инфлација во октомври 2026 година, која, според неа, изнесувала 3,3% во Македонија наспроти 4% во еврозоната, со октомври 2022 година. За тој период, кога владата ја предводеше СДС, таа наведе инфлација од 19,8% во Македонија и 10,6% во еврозоната.
Разликата ја припиша на политиките на ВМРО-ДПМНЕ и СДС, оценувајќи дека сегашната власт покажува одговорност пред граѓаните и обезбедува помал притисок врз семејните буџети и во услови на сериозни геополитички и енергетски предизвици. Економијата во времето на СДС ја опиша како „економија во слободен пад“.







Коментари (0)
Коментарите за оваа објава се затворени.