Проф. д-р Васил Тоциновски, кој анализираше повеќе песни од книгата, оцени дека изграденоста на поетскиот јазик тешко упатува на прво поетско дело. Во песните ги издвојуваше филозофската димензија и мудроста, како и врската со традицијата и вредностите што го обликувале творечкиот свет на Ристов. Посебно се осврна на естетиката на визуелното и ликовната семиотика, односно значењата на ликовните знаци, кои ги поврза со научната, творечката и човечката страна на авторот.
Директорот на Библиотеката „Гоце Делчев“ – Гевгелија, Стефан Марковски, кој ја отвори промоцијата, предложи најмалку две рамништа на читање на стихозбирката. Едното го врза со професионалното и животното искуство преточено во творештво, а другото со филозофските погледи, пред сѐ на Аристотел и Платон, за улогата на историската наука и за книжевното творештво. Во тој однос го вклучи и мимесисот, односно уметничкото подражавање на стварноста.
Избрани извадоци од поезијата на Ристов прочитаа ученички од СОУ „Јосиф Јосифовски“ – Гевгелија, а со музички настап учествуваше Теодора Гошева Капсарова – Теда. Промоцијата започна во 19 часот.
Ристов раскажа дел од својата приказна поврзана со книжевното творештво и им се заблагодари на публиката и на Тоциновски за освртот. Настанот го организираа Библиотеката „Гоце Делчев“ – Гевгелија и директорот Марковски. Авторот ја нагласи и работата на проф. Проданов, кој претходно ја прочитал и ја рецензирал книгата, а меѓу оние што го овозможиле нејзиното излегување ја посочи Општина Гевгелија.
Ристов е роден во 1957 година и е археолог, истражувач и културолог од Гевгелија, со кариера посветена на проучувањето и заштитата на културното наследство. Основно и средно образование завршил во родниот град, дипломирал археологија на Филозофскиот факултет во Скопје во 1982 година, а во 2004 година станал магистер по археологија. Работел во РО „Хемтекс“, Радио Гевгелија, Народниот музеј во Гевгелија и Музејот на град Скопје.
Реализирал и учествувал во повеќе од седумдесет археолошки проекти и истражувања низ Македонија, особено во гевгелискиот и валандовскиот регион. Како стручен консултант и раководител на истражувања бил ангажиран на Тауерсиум, Скопската тврдина Кале, Антички градови на Вардар, Маркови Кули, Варвара и други локалитети.
Меѓу неговите изданија се „Утврдени пеонски населби до Долно Повардарје“, „Таор“, „Железното време во римскиот период“, „Варвара“ и „Смоквица – населба, население, генеалогија“. Научните и стручните трудови му се објавувани во земјата и во странство. Учествува на научни собири и симпозиуми на кои го промовира културното наследство на Македонија, а за придонесот во археологијата и културата добил повеќе награди, признанија и благодарници.







Коментари (0)
Коментарите за оваа објава се затворени.