Основата за ова толкување е најзастапената емисија меѓу монетите, која се припишува на Касандар. Според Музејот, таа најверојатно била издадена за потребите на воениот сојуз на Касандар и Лизимах, поранешни генерали на Александар Македонски, во периодот меѓу 315 и 294 година пред нашата ера. Оттука произлегува и претпоставката дека монетите ги користел еден од нивните борци.
Монетите биле депонирани во керамички сад под нивото на подот на објект за живеење, на локалитетот Вардарски рид, старомакедонскиот град Гортинија. Музејот ја посочува како прва остава на монети од овој период пронајдена во јасен археолошки контекст: вкопана на своето првобитно место, во срцето на градот.
Сите 51 монета се сребрени тетрадрахми, со временски распон од 336 до 280 година пред нашата ера. По конзервацијата биле идентификувани 45 тетрадрахми на Александар III Македонски (336-323 година пред нашата ера), вклучувајќи и негови постхумни емисии, односно монети издадени по неговата смрт.
Останатите шест се по две тетрадрахми на Филип III Аридеј (323-317 година пред нашата ера), на Лизимах (306-281 година пред нашата ера) и на Селеук I Никатор (312-280 година пред нашата ера).







Коментари (0)
Коментарите за оваа објава се затворени.