Дескоска се повика на ставот во мислењата на Венецијанската комисија дека уставните судии имаат „должност на неблагодарност“ кон органот што ги именувал. Како што објасни, политичкиот начин на предлагање или избор не ја определува нивната лојалност по именувањето: таа му припаѓа на Уставот.
Таквата улога, според неа, има и јасни ограничувања. Уставните судови треба да бидат чувари на Уставот, а не носители на политички одлуки или „супер-Врховен суд“. Додека ги спречуваат другите гранки на власта да ги пречекорат уставните рамки, и самите судии мора да ги почитуваат уставните граници на своите овластувања.
Дескоска оцени дека силата на еден уставен суд не се мери според согласувањето со власта или популарноста на неговите одлуки, туку според способноста да го заштити Уставот кога тоа е најтешко. Независноста, нагласи таа, им овозможува на судовите да останат цврсти и кога одлуките им се неповолни на оние што се на власт, додека авторитетот обезбедува тие одлуки да се почитуваат и спроведуваат.
За да ја објасни оваа улога, ги спореди уставните судови со светилници: тие не ја избираат насоката на бродовите и не ја заменуваат проценката на оние што пловат, туку ги означуваат опасностите и границите и даваат насоки во неизвесност. Нивната вистинска вредност, според споредбата на Дескоска, се покажува во бура, а не на мирно море. Таа порача дека уставниот суд мора да остане видлив и стабилен, бидејќи владеењето на правото не е заштитено еднаш засекогаш, туку се брани со секоја институција и одлука.
Меѓународната конференција „Современи предизвици за владеењето на правото: Улогата на уставните судови“ се одржа во Охрид, во рамките на IV годишна средба на Форумот на балканските уставни судови. Дескоска ја модерираше и сесијата „Уставните судови во дигиталната ера“.







Коментари (0)
Коментарите за оваа објава се затворени.