Програмата ги поврзува средношколците преку посети на партнерските училишта, заедничко учење и запознавање со културата и заедницата на своите врсници. Во основата на „Суперучилишта“ се меѓусебното разбирање, градењето мир и помирувањето меѓу младите од Западен Балкан.
За гевгелиското училиште ова е продолжување на две претходни размени што ги оценува како успешни. Оттаму посочуваат дека искуствата покажале оти културните разлики можат да ги поврзат младите, а училиштето го вбројуваат меѓу десетте најдобри „Суперучилишта“ во Македонија.
Едно од тие искуства го пренесе ученичката Ана Кундурџиева на средбата во „Europe House“ во Скопје, каде на 9 ноември беше потпишан договорот. Таа зборуваше за своето учество во размената и на младинскиот камп во Златибор, одржан во мај годинава.
Искуствата на учениците беа дел од една од двете панел-дискусии на средбата. На другата, наставниците-координатори разговараа како успешните примери од интеркултурните размени да се вклучат во образовниот систем. Програмскиот офицер Дејан Ризински ги претстави практиките од претходните размени.
На потпишувањето присуствуваа германската амбасадорка Петра Дрекслер, амбасадорот на Европската Унија Микалис Рокас, директорот на ГИЗ Македонија Маркус Делфс, министерот за социјална политика, демографија и млади Ѓоко Велковски, државната секретарка во МОН Елена Ивановска и Владимир Ѓоргиевски од РИКО Македонија.
„Суперучилишта“ е проект на Регионалната канцеларија за младинска соработка (РИКО), кој се спроведува заедно со ГИЗ. Финансиската поддршка доаѓа од Европската Унија и Германското федерално министерство за економска соработка и развој, во рамките на мултидонаторска програма.







Коментари (0)
Коментарите за оваа објава се затворени.