Независноста на судиите беше друга важна тема на разговорите. Според Уставниот суд, таа е доведена во прашање и во дел од европските земји, што ја отежнува заштитата на владеењето на правото.
Двајцата претседатели разговараа и за комуникацијата на судовите со граѓаните. Заедничката цел е преку потранспарентна работа да се зголеми довербата на јавноста и подобро да се разберат положбата и улогата на уставните судови, особено нивните одлуки, кои имаат значајни последици за општеството.
Грабенвартер ја истакна отвореноста на австрискиот Уставен суд преку присуството во медиумите и на социјалните мрежи. Посебно ги издвои иницијативите за младите, чија цел е тие уште од рана возраст да се запознаат со човековите слободи и права и со важноста на негувањето на демократските вредности. Костадиновски, пак, го сподели искуството со директното пренесување на седниците на македонскиот Уставен суд, практика што се применува од март 2026 година.
Поради заедничките предизвици во заштитата на демократијата и човековите права, двајцата претседатели се согласија дека судовите треба повеќе да соработуваат и меѓусебно да се поддржуваат. Како простор за размена на знаења и искуства го издвоија Форумот на уставните судови на Балканот.
За денеска во Охрид е најавен четвртиот годишен состанок на Форумот на уставните судови на Балканот. Грабенвартер ќе учествува како почесен гостин и ќе има воведно обраќање за значењето на регионалната соработка меѓу уставните судови.
Грабенвартер беше во билатерална посета заедно со шефицата на неговиот кабинет, Маријане Брукмилер. Покрај Костадиновски, го пречекаа и судиите Татјана Васиќ Бозаџиева, Ана Павловска Данева, Мери Дика Георгиевска, Насер Ајдари и Фатмир Скендер. На средбата присуствуваа и Татјана Јаниќ Тодорова, советничка за меѓународни правни односи и соработка, како и советникот на Судот, Мартин Трајановски.







Коментари (0)
Коментарите за оваа објава се затворени.