Одговарајќи на новинарско прашање за енергетската криза и цените на енергенсите, Мицкоски нагласи дека приватните учесници самостојно ја одредуваат својата деловна политика и дека тој не може да интервенира во нивните одлуки.
Според премиерот, Владата изминативе денови разработувала бизнис-план со АД ЕСМ, поранешно ЕЛЕМ, со кој државната компанија нема да бара зголемување на цената на струјата. Моделот предвидува компанијата да цели кон профит на крајот од 2027 година. Мицкоски додаде дека допрва ќе се види дали моделот ќе функционира.
За топлификацијата, Мицкоски рече дека се бара многу големо поскапување и дека цената на гасот е трипати повисока од минатогодишната во истиот период. Најави дека Владата ќе се бори да нема алармантно зголемување на цената на греењето, туку тоа да остане во подносливи рамки.
Европската енергетска состојба ја оцени како „жестоко алармантна“, посочувајќи изгасени нуклеарни централи, низок водостој и ниски нивоа на гас во складиштата. Според него, берзанските цени достигнуваат историски високи нивоа од 400 до 500, па и повеќе евра за мегават-час.
Мицкоски рече дека притисокот трае од втората половина на август и дека состојбата продолжува да се влошува. Како пример го наведе гасот, чија цена, според неговото следење вчера и утрово, повторно надминала 90 евра за мегават-час, откако минатата недела се спуштила на околу 80 евра.
Премиерот очекува со ваквиот пристап Македонија да има убедливо најниски цени во Европа за дизел, безоловен бензин, електрична енергија и затоплување. Заштитата на стандардот ја посочи како приоритет и оцени дека државата засега успева да се спротивстави на ценовниот удар со расположливите механизми, но предупреди дека не знае до кога ќе може да се издржи притисокот.







Коментари (0)
Коментарите за оваа објава се затворени.