Учесниците ги изучуваа анализата на обвивката на податоци („DEA“) и други методи за споредување на резултатите од работењето. Воведниот семинар и напредната практична сесија беа насочени кон оценување на ефикасноста и продуктивноста, откривање отстапувања и можности за подобрување.
На презентациите и практичните вежби со апликацијата „pioneeR“, учесниците анализираа и толкуваа податоци, ја применуваа методологијата „DEA“ и ги поврзуваа резултатите со конкретни ревизорски прашања. Беа презентирани и примери од ревизорски извештаи, како и искуства од оценувањето на ефикасноста во високото образование и судството.
Работилницата ја отвори со воведно обраќање заменик-главниот државен ревизор Орхан Адеми. Ја реализираа меѓународни експерти и претставници на врховните ревизорски институции на Шведска и Норвешка: Кристијан Андерсон, Ларс Скаге Енџебретсен, проф. Јонас Мансон и Питер Даниелсон, претставник за врски на „EUROSAI“. Во практичниот дел учествуваа и Кристофер Гренсберг и Ембла Скуртвејт од норвешката ревизорска институција. Д-р Катерина Шапкова одржа предавање за ефикасноста на основните судови во државата.
Според Заводот, практичната работа со податоци и размената со странските колеги треба да им помогнат на ревизорите пообјективно да ги оценуваат институциите. Целта е нивните анализи, наоди и препораки да бидат подобро поткрепени и ревизиите да имаат поголемо влијание.







Коментари (0)
Коментарите за оваа објава се затворени.