Грабенвартер беше придружуван од шефицата на кабинетот Мариане Брукмулер. На средбата присуствуваа судиите Татјана Васиќ Бозаџиева, Ана Павловска Данева, Мери Дика Георгиевска, Насер Ајдари и Фатмир Скендер, како и советниците Татјана Јањиќ Тодорова и Мартин Трајановски.
Разговорите ги опфатија предизвиците за владеењето на правото, независноста и самостојноста на европските уставни судови. Во разговорот беше посочено дека независноста и самостојноста се под закана и во неколку европски земји.
Учесниците разговараа и за комуникацијата со јавноста и граѓаните. Транспарентноста, според целта наведена на средбата, треба да ја зголеми довербата во уставните судови и да придонесе јавноста подобро да ја разбере нивната положба и улога во системот, како и значајните последици што нивните одлуки ги имаат за општеството.
Грабенвартер ја истакнал отвореноста на австрискиот Уставен суд преку присуство во медиумите и на социјалните мрежи, како и преку иницијативи насочени кон младите. Целта е тие уште од најрана возраст да се запознаваат со човековите слободи и права и со важноста на демократските вредности.
Костадиновски го споделил искуството на македонскиот Уставен суд со преносите во живо на седниците, кои се применуваат од март 2026 година. На средбата била нагласена важноста судското одлучување да остане резултат на човечките способности и стручност, а не на вештачката интелигенција.
Заедничкиот заклучок бил дека треба да се зајакнат меѓународната соработка и меѓусебната поддршка, бидејќи уставните судови се соочуваат со исти предизвици во заштитата на демократијата, владеењето на правото и човековите слободи и права. Учесниците го поздравиле дијалогот во Балканскиот форум на уставни судови, каде што се разменуваат знаења, искуства и најдобри практики.
Грабенвартер утре ќе учествува во Охрид како почесен гостин и воведничар на четвртиот годишен состанок на Форумот. Неговото излагање ќе биде посветено на значењето на регионалната соработка меѓу уставните судови.







Коментари (0)
Коментарите за оваа објава се затворени.