За Алта банка од Белград, ВЛЕН тврди дека министрите на БДИ во Владата предложиле и поддржале одлуки со кои била овозможена соработката меѓу државата и банката. Партијата бара да се разјаснат мотивите и интересите зад тие одлуки.
ВЛЕН наведува дека БДИ била дел од власта што му го отворила патот на проектот на Дака Давидовиќ во Тетово. Во соопштението се посочува и дека Давидовиќ подоцна бил ставен на американската листа на санкции поради сомневања за корупција и незаконски активности.
Партијата го поврзува периодот кога БДИ раководела со државните институции со влезот на МТЕЛ, дел од Телеком Србија, на македонскиот пазар. Тој случај го наведува како повод за прашања за присуството на српски државен капитал во земјава.
ВЛЕН го посочува и Отворен Балкан, наведувајќи дека Ахмети бил меѓу најгласните поддржувачи на проектот, предводен од Александар Вучиќ. Според партијата, Косово постојано му се противело и го сметало за штетен за своите интереси.
За тендерот на Државна лотарија за онлајн игри на среќа, ВЛЕН тврди дека бил насочен кон компании од Србија и Црна Гора во период кога Лотаријата ја водел близок соработник на Артан Груби. Партијата оценува дека наместо транспарентност и заштита на јавниот интерес, граѓаните се соочиле со контроверзија поврзана со деловни интереси од соседните земји.
ВЛЕН ги отвора и прашањата за средбите со претставници на српските институции за време на мандатот на Бујар Османи како министер за надворешни работи. Партијата бара да се разјасни какви договори биле постигнати и какви резултати произлегле од контактите.
ВЛЕН бара институционална проверка на наведените случаи и политичка одговорност. Партијата бара Ахмети да се повлече и од политиката, тврдејќи дека ја држи БДИ и нејзината иднина како заложник за сопствените политички интереси. Упатува и повик до членовите на БДИ и политичките фактори што соработуваат со раководството да се дистанцираат од тие политики и практики.







Коментари (0)
Коментарите за оваа објава се затворени.