Австриската делегација ја предводеше Кристијан Бравенц, аташе на Сојузното министерство за земјоделство, шумарство, климатска и еколошка заштита. Во групата беа Силвио Шулер и Марчела Ван Лу од Федералниот истражувачки и тренинг-центар за шуми, Кристоф Хартлајтнер, директор на „LIECO GmbH“, Андреас Штајнегер и Флориан Хехенблајкнер од Комората за земјоделство и шумарство на Штаерска, како и Симон Јансен од Универзитетот БОКУ.
По посетата на повеќе локации во моликовата шума, експертите покажале интерес за генетскиот и семенскиот материјал на моликата, односно македонскиот бор („Pinus peuce“). ЈУНП Пелистер наведува дека соработката со БОКУ треба да опфати организирано собирање и истражување семенски материјал, со цел обновување на шумите и генофондот. Главен акцент ќе биде приспособувањето на шумите кон климатските промени.
ЈУНП Пелистер наведува дека моликата, поради генетските карактеристики и животниот циклус, би можела да се воведе во шумите во средна и западна Европа, како дел од замената на видови и приспособувањето на шумите кон климатските промени. Установата ја поврзува оваа можност со зачувувањето на шумските екосистеми, кои ги опишува како важни за биодиверзитетот, чистиот воздух и водата за пиење.







Коментари (0)
Коментарите за оваа објава се затворени.