На состанокот се разгледуваа научените лекции и практичните и институционалните предизвици во шумарството, како и можностите за нови заеднички иницијативи. Учесниците ги опфатија претставници на институции, експерти, меѓународни и научни организации и локални заедници.
Проектот „Интегрирано управување со шумите долж сливот на реката Дрим“ го спроведува ЦНВП во Македонија, Албанија, Косово и Црна Гора, во партнерство со ИЦЕП и со финансиска поддршка од Австриската агенција за развој. Тој е насочен кон подобрување на управувањето со шумите, обновување на шумските екосистеми, зачувување на биолошката разновидност, приспособување кон климатските промени и создавање економски можности за руралните заедници.
Заменик-министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Албрим Хоџа на тркалезната маса имаше поздравно обраќање. Тој ја истакна потребата од заеднички пристап во заштитата на шумите, особено во прекугранични подрачја како сливот на Дрим.
Хоџа меѓу приоритетите на Министерството ги посочи модернизацијата и дигитализацијата на шумарскиот сектор, подобрувањето на мониторингот и превенцијата од шумски пожари, како и усогласувањето на законската рамка со европските стандарди. Министерството, според него, подготвува и стратешка визија за развој на шумарството во следните две децении.







Коментари (0)
Коментарите за оваа објава се затворени.