Според најавениот модел, кандидатите што високото образование го завршиле на јазик различен од македонскиот би можеле на тој јазик да го полагаат делот поврзан со студиите. Мицкоски ги посочи албанскиот, турскиот и англискиот. Предлогот допрва треба да биде доставен до Владата, па сѐ уште не станува збор за усвоено решение.
Мицкоски оцени дека македонскиот треба да биде заеднички јазик во правосудниот систем и го поврза тоа со владеењето на правото.
Лидерот на ЗНАМ и градоначалник на Куманово, Максим Димитриевски, рече дека партијата ќе ја напушти Владата доколку се прифати правосудниот испит да се полага на друг јазик освен македонскиот. Тој најави дека на следниот состанок со премиерот ќе побара лидерска средба со коалициските партнери за разговор за ова прашање.
Алијансата за Албанците побара целиот правосуден испит, и теоретскиот и практичниот дел, да се полага на албански јазик. Партијата ја критикуваше најавата дека симулацијата на судски процес ќе биде на македонски и побара измени на законите и конкретни рокови.
Министерот за правда Јетон Шасивари минатиот месец рече дека сака решение да се бара преку дијалог со студентите и факултетите. Тој побарал мислење од Венецијанската комисија за предложените измени.







Коментари (0)
Коментарите за оваа објава се затворени.