Сиљановска-Давкова предупреди дека со вештачката интелигенција, дигитализацијата и новите хибридни закани, одговорот не треба да се сведе на надворешна отпорност, туку треба да опфати и демократска и институционална цврстина. Според нејзиниот став, ЕУ не треба само да бара од земјите во регионот да бидат поотпорни, туку и да ја зајакне нивната отпорност преку побрза интеграција.
Таа посочи дека Македонија 21 година има кандидатски статус и 17 позитивни извештаи, но сѐ уште не го започнала преговарачкиот процес. Сиљановска-Давкова оцени дека земјите од Западен Балкан не се периферија, туку природен географски, историски и културен дел од Европа.
Говорејќи за уставните измени, претседателката ја поврза дебатата со суверенитетот и демократскиот легитимитет, потсетувајќи дека Уставот е и општествен договор. Таа порача дека суверенитетот и легитимитетот произлегуваат од граѓаните и повика на владеење на правото и почитување на човековите права и слободи.
Одговарајќи на прашање за протестите во повеќе европски земји, таа рече дека младите треба да бидат рамноправни учесници во сегашноста и во процесите на одлучување, а не да се третираат само како иднина. Дијалогот меѓу генерациите, според неа, е предуслов за опстанок во свет што не може да се гради врз изолираност.
На панел-дискусијата „Одбрана на линијата: Суверенитет во ера на хибридни закани“ учествуваа и литванскиот претседател Гитанас Науседа и ерменскиот премиер Никол Пашинјан.







Коментари (0)
Коментарите за оваа објава се затворени.