Според информациите изнесени на Општинскиот кризен штаб, повеќе од 1.000 грла добиток се движат неконтролирано низ општината, вклучително и низ централното градско подрачје. Општината наведува дека се уништуваат земјоделски насади, се оштетуваат приватни имоти и јавни површини и се загрозува безбедноста во сообраќајот.
За интервенцијата, според барањето на Општината, се потребни дополнителни стручни, логистички, оперативни и финансиски ресурси, специјализирани возила и простор за сместување на животните. Таа бара координиран оперативен план со активности по денови, задолженија и утврдена одговорност.
Планот треба да предвиди организирано заловување, безбеден транспорт и згрижување на добитокот, како и мерки за да се спречи повторување на проблемот. На прес-конференцијата беше посочено дека од јануари 2022 година до Владата, Министерството за земјоделство, надлежниот инспекторат и Агенцијата за храна и ветеринарство биле доставени стотици пријави и иницијативи.
Митовски истакна дека правосилните и извршни решенија за одземање животни од регистрирани одгледувалишта, донесени во 2024 година, сѐ уште не се спроведени во целост и дека досегашните делумни интервенции не донеле трајно решение. На прес-конференцијата беше наведено и дека е поднесена кривична пријава за мачење животни, без тоа да претставува утврдување вина.
Општината побара надлежните институции да одговорат кој го следи добитокот опфатен со решенијата за одземање, кога биле извршени последните ветеринарни прегледи и дали се проценети здравствените и епидемиолошките ризици за животните.






Коментари (0)
Коментарите за оваа објава се затворени.