Учениците од петто до деветто одделение учествуваа во активности, игри и дискусии за предрасудите, емпатијата, солидарноста и последиците од исклучувањето и дискриминацијата. Разговараа и за разликите во јазикот, културата, личните карактеристики и функционалните способности. Посебно внимание беше посветено на учениците со попреченост и на начините со кои соучениците можат да помогнат во создавање средина за заедничко учење и учество.
Наставниците разговараа за приспособување на наставните методи и материјали, почитување на индивидуалните разлики и обезбедување соодветна поддршка за секој ученик. Асистивната технологија беше посочена како алатка што може да го олесни учењето, да ја зголеми самостојноста и да овозможи поактивно учество на учениците со попреченост.
Како дел од проектните активности е подготвена и едукативната брошура „Различни, но сепак заедно“, наменета да поттикне размислување за пријателството, прифаќањето, почитувањето и еднаквите можности.
Проектот „Заедно кон инклузија – градиме мостови, а не ѕидови“ го спроведува Здружението за асистивна технологија „Отворете ги прозорците“, со поддршка од Министерството за односи меѓу заедниците. Се реализира во Тетово, Чучер Сандево, Старо Нагоричане, Гостивар и Струга, а предвидува вклучување на 150 ученици и 150 наставници во активности за меѓусебно разбирање, почитување на различностите и спречување дискриминација во училиштата.







Коментари (0)
Коментарите за оваа објава се затворени.