Случајот бил пријавен на 19 ноември во ОВР Гевгелија. Во пријавата било наведено дека од мобилни монтажни објекти во атарот на селото Старо Конско, гевгелиско, во сопственост на правен субјект од Гевгелија, со физичка сила и алат биле одземени делови од столаријата, радијатори и други предмети.
Полицајци од СВР Струмица – ОВР Гевгелија го затекнале Н.Д. (42) додека ги превезувал предметите и го лишиле од слобода. По дополнителни мерки бил уапсен и Л.С. (42), исто така од Гевгелија.
МВР ги сомничи двајцата дека во октомври и ноември 2026 година, во повеќе наврати, од деловните објекти на правното лице на браната Конско одзеле делови од столарија, мебел, бела техника, радијатори, панел и други предмети.
Со судски наредби биле извршени претреси на повеќе локации во Гевгелија што ги користат Н.Д. и Л.С. Пронајдените предмети биле одземени и ќе му бидат вратени на сопственикот.
За случаите е известен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Гевгелија. По нивното документирање, против двајцата ќе биде поднесена кривична пријава.







Коментари (0)
Коментарите за оваа објава се затворени.