Владата и Општина Кисела Вода заедно вложија 19 милиони денари во доградбата на „Кирил Пејчиновиќ“. Општината ги опреми новите училници со клупи, столчиња, катедри и табли. Во секоја од нив постави и паметни уреди, а за наставниците обезбеди преносни компјутери.
Проектите за следните доградби предвидуваат по шест нови училници во централното ОУ „Круме Кепески“, во ОУ „Кузман Шапкарев“ во Драчево и во ОУ „Рајко Жинзифов“ во Пинтија. Министерката за образование и наука Весна Јаневска, која денес го посети „Кирил Пејчиновиќ“ со градоначалничката Бети Стаменкоска Трајкоска, најави дека Министерството наскоро ќе ги објави постапките за избор на изведувачи. Таа очекува градежните работи да почнат на почетокот на следната година.
Во Македонија настава во една смена има во 620 од вкупно 1023 училишни објекти. Владата во соработка со општините постепено го проширува овој начин на работа. Според Јаневска, учениците наутро полесно се концентрираат на наставата, а кога учат во една смена, подолго остануваат на училиште и повеќе се дружат. Таа го поврза подолгиот престој со тоа што учениците во Македонија имаат помалку часови годишно од нивните врсници во Европа. Според неа, со едносменската настава се намалуваат и трошоците за работа на училишните објекти.







Коментари (0)
Коментарите за оваа објава се затворени.