Емил Ангелов, раководител на проектот „Одржливо управување со отпадот на локално ниво“, очекува претоварните станици и регионалниот центар за управување со отпад да проработат во текот на 2030 година. За претоварната станица во Мауцкер се подготвува документацијата, а на улицата Железничка во Охрид се планира изградба на собирен центар. Ангелов посочува дека комуналните претпријатија треба да ги зајакнат своите капацитети и да го приспособат работењето на барањата на новиот систем.
„Буково“ требаше да се затвори најдоцна до 2020 година според Националниот план за управување со отпад за периодот од 2009 до 2015 година, во кој депонијата е оценета како високоризична за животната средина. И мисијата на УНЕСКО за реактивен мониторинг во 2017 година побара до 2020 година властите да ги затворат и исчистат „Буково“ и сите нелегални одлагалишта во Охридскиот Регион. Препораката број 16 опфаќаше и воспоставување функционален систем за управување со комуналниот отпад.
Поминаа три години и од октомври 2023 година, крајниот рок за затворање на непрописните депонии утврден со Планот за управување со светското природно и културно наследство на Охридскиот Регион за периодот од 2020 до 2029 година. Охрид „SOS“ ги обвинува локалната и централната власт дека со години барале изговори и го одолговлекувале затворањето и рекултивирањето на „Буково“.
Според Охрид „SOS“, на ѓубриштата во Струга и кај Мауцкер веќе има ридови од различни видови отпад, меѓу кои и опасен отпад, оставен на отворено без заштита и без почитување на стандардите за одлагање. Од иницијативата предупредуваат и на стотици мали депонии покрај езерскиот и речните брегови, во националниот парк и покрај обработливи и блатни површини.







Коментари (0)
Коментарите за оваа објава се затворени.